Пренесено: Што е lawful intercept и како сите нас ќе нè боли
Posted onјуни 17, 2010
Filed under интернет, општество, политика and tagged Големиот брат, интернет, приватност | Напиши коментар
На моја голема жалост и негодување, пратениците од владејачкото мнозинство (но без ДУИ), ги донесоа измените на Законот за електронски комуникации и сега МВР може да нè прислушува колку му душа сака. На оваа тема многу читав во изминатиов период, но една од најдобрите анализи има направено Дамјан, па затоа нема да пишам сопствен пост, туку неговиот го пренесувам во целост.
—————————————————————————————
Lawful intercept (во Македонија отприлика преведено како легално прислушување) е законска обврска за секој телекомуникациски оператор. Тука спаѓаат интернет провајдерите (кабловски, безжични, жичани, сите) и телефонските (и мобилните) оператори.
Законот ги обврзува операторите да му обезбедат на МВР да може во било кој момент да ја прислушува целата комуникација која ја прави некој корисник. Тоа значи дека во еден момент МВР одлучува да следи некој човек, и од тогаш копија на сите податоци, сите четувања, отварања на web страни, разговори, пристапи до facebook, google, youtube, porntube и сл. во реално време додека се случуваат, ќе бидат пратени (и најверојатно складирани) некаде во полиција. Притоа прислушувањето ќе се одвива без знаење на корисникот (нормално), но нити знаење и контрола на операторот. За таа цел МВР инсталира специјална опрема кај операторот која му дава целосна слобода да прави што сака.
Законот утврдува дека оваа мерка смее да се користи само за најтешките облици на криминал како тероризам, педофилија, организиран криминал и сл. Но…
Тоа што мене ме интересира е врз кого во Македонија овој закон ќе има најголем ефект:
- Прво е прашањето дали прислушувањето ќе помогне во борбата против тешкиот криминал – а логиката ми кажува дека оваа мерка воопшто нема да помогне против организираниот криминал или тероризмот.Сите посериозни криминалци или терористи веќе одамна користат технологии за прикривање на нивните податоци и комуникации. Не дека овие технологии се нешто специјални. Неколку тривијални примери се Cloud/OpenVPN, SSL/TLS, PGP/GPG и Tor, кои доаѓаат инсталирани во било која Linux дистрибуција – а кои овозможуваат скоро 100%-на тајност на податоците и огромна анонимност на комуникациите. Овие технологии се толку лесни за користење што било кој аматер за компјутерска безбедност ќе успее точно да ги имплементира за кратко време и ќе го поништи обидот на МВР за следење на комуникациите.Секако, пософистицираните (и поопасни) криминални организации имаат вистински професионалци кои најверојатно подобро знаат што се случува во МВР него самите МВР.
- Од друга страна, во Македонија веќе е докажана пракса прислушувањето да се злоупотребува токму од овластените лица. Воопшто не сум убеден дека оваа нова можност за прислушување ќе остане имуна на злоупотреба, што значи во наредниот период скоро сигурно е дека ќе има прислушување на новинари, политички противници, невладини организации, своите од партијата – кои воопшто не се поврзани со тежок криминал.Не знам дали е потребно да ја потенцирам моќта на податоците за застрашување, уценување или контролирање на луѓето… Посебно личните податоци… личните податоци кои луѓето често нај-наивно ги праќаат преку интернет до своите најблиски.Но дури и кога МВР и државата би биле со најдобри намери, со најригидни процедури, со вистинска цивилна контрола врз работата на полицијата (yeah right)… еднаш кога технологијата ќе биде инсталирана постојат големи шанси таа да биде злоупотребена и од трети лица, криминалци, терористи и сл. Како што реков, технологијата операторот не ја контролира, ниту има увид што таа прави. А никогаш не се знае кои сигурносни пропусти ги има таа технологија.
- Конечно, што сево ова значи за операторите. Имплементацијата на lawful intercept значи прилично голема инвестиција во опрема која операторотот мора да ја набави за да бидат исполнети условите на законот. Тоа е инвестиција која не нуди никаква предност за корисниците, ниту генерира профит – туку е чиста загуба. Уште повеќе, поради техничките барања на lawful intercept се ограничува флексибилноста во ширење на мрежата (брз интернет за тие што досега немале никаков). Просто економски кажано, цената на секој корисник сега порасна дури и до 10 пати повеќе.Уште полошо, додека големите оператори ќе успеат да го реализираат сево ова, за помалите – кои се на маргините на профитабилноста – или пак за некои потенцијални нови играчи на пазарот – ова ќе значи крај на играта.Сумирано, поскапи услуги, помалку конкуренција на пазарот и се што следува од тоа.
Ова беа само три ефекти кои ќе ги има законов, чисто прагматично анализирани без воопшто да навлегувам во дискусија за етичката/морална оправданост на ваквиот закон. Заклучокот: не може да биде успешно користен за тоа што е наменет, огромен потенцијал за злоупотреба, огромна цена.
По сево ова, ми се наметнува прашањето дали и колку навистина ни требаше сево ова? Каде беше јавната расправа за ваквите закони? И до кога ќе ја плаќаме сопствената глупост?
ps. во моментов ги немам референците до законот – можеби ќе ги ставам покасно, а ќе ми помогне ако ми ги прати некој предходно
Google забранет и во Турција!
Posted onјуни 7, 2010
Filed under интернет and tagged google, Turkey, интернет, Турција, цензура | 1 коментар
По проблемите на Google во Кина, и по веќе неколку месечната забрана на Youtube во Турција, властите во Анкара решиле да „скратат“ уште некој сервис. Од вчера од целата територија на Турција не може да се пристапи на останатите сервиси на Google: Google Docs, Google Books, Google Analytics, Google Translate и речиси сите други сервиси.
Како одговор на цензурата на власта, група турски блогери направиле постер со кои ја исмеваат ваквата политика на власта (кликнете на сликата за поголема).
Едно од неофицијалните објаснувања е дека Google е блокиран бидејќи според Турскиот кривичен закон, забрането е исмевањето со турчиштината, особено со Кемал Ататурк, а изгледа тоа го правел Google, односно некој корисник на некој од Google сервисите. Да цитирам: “Under Turkish law, it is an offence to “insult Turkishness.”" :D
Да не беше жалносно, ќе беше многу смешно, нели? Исмевање со „турчиштината“??!
Мк здравство = Mk_fail
Posted onмај 4, 2010
Filed under Некатегоризирано | 1 коментар
Бидејќи сум релативно млад и досега сум немал некои поголеми здравствени проблеми, немав целосно сфатено колку ни е пропаднат здравствениот систем во Македонија.
За жал, минатиов месец закачив некој вирус, кој ведаш се спушти на долните дишни патишта. Не одолговлекував и веднаш отидов кај мојата матична лекарка, која многу ја ценам и веднаш ми препиша соодветна терапија (инјекции).
По инјекциите, бидејќи не ми се подобруваше состојбата (напротив, и полошо бев, со многу висока температура), матичната ми препиша јаки антибиотици, и ми напомена дека ќе биде тешко да се набават бидејќи за јаки антибиотици, не е доволен рецепт од матичниот, туку мора мислење од специјалисти (т.е. мора да се оди на клиника). Дополнително, ми даде упат за рентген-снимка, сакала да ми ги види градите на рентген.
Најпрво отидов на рентген,ми беше попат. Таму ми закажаа снимање за точно 10 дена. Се обидов да објаснам дека е итно, дека за 10 дена нема да ми треба снимка, или ќе оздравам до тогаш, или не дај боже другата варијанта… Џабе, креваа раменици. Им реков да не ми закажуваат, ќе се обидам на друго место.

Потоа тргнав во набавка на антибиоциите. За да не мора да одам на инфективна клиника да не се малтретирам дополнително, матичната која е специјалист-интернист, напиша наод од специјалист, да пробам дали така ќе ги набавам лекарствата.
Пробав да ги набавам антибиотиците, и нормално, не можев. Од сите аптеки ме враќаа, барајќи наод од субспецијалист од некоја од клиниките.
И така, немав друг избор, туку болен и со температура, тргнав на клиника. Со цел памет отидов со автомобил. Иако си платив уредно за паркинг, 30 минути кружев и лутав низ Клинички центар обидувајќи се да најдам слободно паркинг место. Нејсе, на крај начекав едно возило кое тогаш излегуваше и се паркирав на неговото место.
На инфективна за среќа немаше многу гужва, а и докторката која ме прегледуваше излезе дека им е позната на моите, па релативно брзо завршив таму работа. Со интерен упат отидов да ми земат крв на Инфективна и конечно да направам рентген снимка на Ургентна клиника.
На Инфективна веднаш ми земаа крв и ми рекоа анализа за 1 час. Тргнав на Ургентна за рентген-снимката… Е таму, хаос! Не се знае кој работи, кој се снима, каде се плаќа, каде се подигаат снимките. После одисеја од речиси 2 часа, со снимките се вратив на Инфективна. Докторката таму, уште толку се загрижи кога ги виде, ми препиша јака терапија од два антибиотика ( во принцип, истата терапија што ми ја препишуваше и матичната лекарка), ми реше строго да мирувам и за 5 дена да се јавам на контрола, ако нема подобрување ќе мора да останам во болница и интравенозно да примам антибиотици…
Си ги земав сите резултати, наоди, снимки, платив за тоа околу 1000 денари и тргнав по антибиотиците.
Беше 14:20ч. кога влегов во првата аптека (Зегин на Водњанска). Ми рекоа дека едните антибиотици ги имаат (Панцеф), но дека според новите правила на Фондот за здравство не смеат да ги издаваат после 14 часот?! Се расправав со аптекрката за тоа, знаејќи дека не е нејзина вина за правилата… Џабе. Вторите антибиотици (Сумамед) не ги ни имаа, одоносно ги немаа ако сакам да ги земам со сини картони (со партиципација), а приватно ако платам, ги имаат. Цена? 2000 денари. Не фала, ќе барам по други аптеки.
Истата или слична песна беше и низ другите 7 аптеки. Најчесто ги немаа, или ги имаа само едните, но по 14 часот не смееа да ги издаваат. Сите ми викаа да дојдам утре.
На крај, кај моја братучетка-фармацевт, во нејзината аптека, ги набавив сите потребни лекарства и почнав со терапија.
На контролата по 5 дена имаше дефинитвно подобрување и еве денес по 1 месец сум речиси здрав (не целосно, уште треба да се пазам).
Што научив од целава работа?
Прво, не дај Боже да се разболите и да морате да одите на лекар. Ако се разболите, надевајте се матичниот да ви помогне и излечи. Молете се да не морате да одите на Клиника.
Второ, ако одите на Клиника, одете со такси или паркирајте надвор од кругот (паркингот) на Клинички центар. На Клиниката, пожелно е да имате каков било контакт (врска) бидејќи така ќе чекате многу пократко.
Трето, ако не сте осигурени, земете МНОГУ пари со вас. Ако сте осигурани, повторно земете МНОГУ пари со вас. Само прегледите ме чинеа околу 800 денари. Антибиоциите беа по 250 денари кутија (со париципација), потрошив 4 кутии. За споредба, кај матичната лекарка, прегледите беа бесплатни, за испитување крвна слика и мокрача ми наплатија 150 денари. На клиника само крвна слика беше 250 денари. Мислев дека Фондот за здравство има унифициран ценовник, но очигледно не било така.
Четврто, добро би било да имате роднина или пријател фармацевт. Ако немате, набавете ги антибиотиците рано сабајлечки, пред 9 часот, бидејќи после тоа ги нема.
Од сето ова, јасно ми е сега зошто постарите велат дека македонското здравство пропаѓа. Не само што пропаѓа, туку е пред колапс. Можеби веќе и колабирало…
Затоа, чувајте си го здравјето!

